Леандро Паредес нема повторно да заигра во Серија А. Аргентинскиот играч за врска ја одби официјалната понуда на Милан за тригодишен договор и одлучи да остане во редовите на Бока Јуниорс.
Италијанскиот гигант бараше искусен фудбалер кој ќе донесе лидерски квалитет и карактер во средниот ред, но 32-годишниот ветеран го избра мирот во родниот Буенос Аирес. Паредес, кој е дете на Бока, минатото лето се врати на „Бомбоњера“ од редовите на Рома и има важечки договор со матичниот клуб дури до крајот на 2028 година.
Зад себе тој има богата европска кариера носејќи ги дресовите на Кјево, Емполи, Рома, Зенит, ПСЖ и Јувентус, а со репрезентацијата на Аргентина го освои и Светското првенство во 2022 година. За Милан, пак, ова е уште еден пропаднат обид да доведе прекален организатор на играта пред почетокот на новата сезона.

