Кошарка Меѓународна кошарка

Панатинаикос возврати на ударот: Израмнување во грчкото финале!

Кошаркарите на Панатинаикос експресно возвратија по почетниот пораз и со триумф над Олимпијакос од 68:58 ја израмнија финалната серија на 1:1.

Избраниците на Ергин Атаман одиграа неверојатно цврсто во дефанзивата и му дозволија на вечниот ривал скромни 58 поени. Клучниот чекор кон победата „зелените“ го направија во текот на третата четвртина. Овој период го добија со доминантни 19:8, со што создадоа капитална предност пред самиот финиш. Најдобар поединец на паркетот беше Најџел Хејс-Дејвис, кој со 23 поени се покажа како нерешлива енигма за гостинската одбрана.

Сепак, славењето на домашните навивачи го засени повредата на Матијас Лесор. Францускиот центар во последната четвртина почувствува силни болки во листот на ногата, па лекарските прегледи допрва ќе покажат дали тој ќе биде подготвен за следните предизвици.

Кај Олимпијакос најефикасен беше Еван Фурние со 15 поени, надополнети со по седум скокови и асистенции. Српскиот репрезентативец Никола Милутинов го заврши мечот со пет поени и три фатени топки. Борбата за шампионскиот пехар продолжува на 8 јуни, кога домаќин ќе биде тимот на Олимпијакос.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.