Меѓународен фудбал Фудбал

Отровни стрели пред „Ел Класико“: Флик е господин, а кај нив вината е секогаш кај друг!

Енрик Масип, член на раководството на Барселона и еден од најблиските советници на претседателот Жоан Лапорта, отвори медиумска војна со Реал Мадрид пред претстојното Ел Класико, обвинувајќи го лутиот ривал за системски притисок врз судиите и медиумска манипулација.

„Кога некој користи такви методи, тренерот, медиумите и клубот да делуваат во ист правец за да ги прикријат сопствените проблеми, целта е да се оцрни сликата за Барса. Се чувствуваме навредени. Не се враќаме во мрачните периоди во оваа земја кога еден клуб добиваше привилегии и освојуваше титули благодарение на пристрасно судење. Има црвени линии кои не смеат да се преминат, а според мене тие веќе се преминати“, истакна Масип.

Тој посебно се осврна на недосудениот црвен картон за Арда Ѓулер против Севиља и го спореди судискиот третман што го ужива кралскиот клуб.

„Удар со лакт си е удар со лакт, точка! А тоа значи чист црвен картон. Но следниот ден никој не зборува за тоа кога е во прашање Реал, но ако се случи нешто кај нас, целата медиумска машина веднаш се активира. Погледнете го однесувањето на теренот, кај Реал Мадрид ќе видите како седум играчи го опколуваат судијата и буквално го „излудуваат“ со протести.“

Шефот на каталонскиот гигант не го заборави ниту Жозе Мурињо, жестоко одговарајќи на неговите неодамнешни изјави дека „чувствувал чудни работи“ додека бил тренер во Шпанија.

„Секако дека чувствувал! Чувствувал дека спроти себе има екипа на Барселона која е комплетно супериорна, игра подобар фудбал од него и го победува апсолутно заслужено. А ако зборуваме за нешто навистина чудно, чудно е да му брцнеш со прст во око на противнички тренер“, додаде Масип, потсетувајќи на скандалозниот инцидент на Мурињо со Тито Виланова од 2011 година, правејќи паралела со однесувањето на Ханси Флик, „Погледнете го Флик, дури и кога тимот е оштетен, тој зборува со почит кон ривалот. Тоа се вредностите на Барса, додека кај Мурињо вината секогаш е кај некој друг.“

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.