Хари Кејн стана првиот англиски фудбалер по цели 25 години кој се закити со најпрестижното индивидуално признание во фудбалот „Златната топка“. Напаѓачот на Баерн Минхен не го криеше водушевувањето од ласкавата титула, посебно поради фактот што свеченоста се одржа токму во неговиот роден Лондон.
Англискиот голгетер упати искрена благодарност до сите што му помогнаа на патот до врвот, а не заборави да му посака и брзо заздравување на својот клупски тренер Винсент Компани.
„Вау, луѓе, наистина не знам што да кажам. Останав без зборови! Фактот што церемонијата се одржува во Лондон го прави овој момент уште попосебен за мене. Му благодарам на ‘Франс Фудбал’ и на сите што гласаа за мене во вака жестока конкуренција. Голема благодарност должам и до соиграчите од Баерн, оти без нив немаше да бидам тука, а на тренерот Винсент Компани му посакувам што побрзо да излезе од болница. Чувствувам дека изминатиот период напредував и како играч и како лидер, за што се заслужни и моите репрезентативни колеги од Англија и селекторот Томас Тухел“, истакна емотивниот Кејн.
Покрај актуелните соиграчи и стратези, извонредниот голгетер одвои посебен дел од говорот за клубот во кој ги направи првите чекори и помина најголем дел од кариерата, лондонски Тотенхем.
„Посебно сакам да му се заблагодарам на Тотенхем, клубот во кој пристигнав уште како 11-годишно дете. Без нив денес немаше да бидам овде, ми помогнаа да го остварам мојот сон. Сите убави и тешки моменти што ги поминавме заедно придонесоа да стигнам до овој трофеј. Им благодарам на сите навивачи на Тотенхем, Баерн, Англија и на сите љубители на фудбалот ширум светот, ве сакам од сè срце“, заклучи новиот освојувач на „Златната топка“.

