Џамал Мозли повеќе не е шеф на стручниот штаб на Орландо Меџик, откако раководството на клубот одлучи да ја прекине соработката веднаш по поразот во мајсторката против Детроит Пистонс. Елиминацијата во првата рунда од плејофот беше пресудна за челниците на клубот да побараат ново решение на клупата.
Мозли си заминува по пет сезони поминати на функцијата, период во кој трипати го одведе тимот до доигрувањето, но ниту еднаш не успеа да ја помине првата пречка. Иако оваа сезона Меџик стигна до плејофот преку плеј-ин турнирот и претходно освои две дивизиски титули, нарушената релација со главната ѕвезда Паоло Банкеро и стагнацијата во резултатите доведоа до ваквата одлука. Процесот за избор на нов стратег кој ќе го води тимот во следната натпреварувачка година се очекува да започне наскоро.

