Меѓународен фудбал Фудбал

„Операција велосипед“ во Сплит: Торцида и сограѓаните за 48 часа му го вратија „Римац-от“ на Ливаја!

Капитенот и идолот на навивачите на Хајдук, Марко Ливаја, повторно е во посед на својот скапоцен електричен велосипед „Rimac Greyp G12S“, вреден околу 10.000 евра, откако истиот му беше украден пред два дена во Сплит.

Ливаја остана без својот редок превоз за време на престојот во еден бар на сплитскиот Звончац. Веста за кражбата молскавично се прошири низ градот, по што во потрагата се вклучија и членовите на навивачката група „Торцида“, кои анализираа снимки од околните надзорни камери за да ги идентификуваат осомничените.

До брз расплет сепак дојде откако вработен во еден сплитски хотел забележал електричен велосипед оставен до ѕид и се посомневал дека е токму тој на капитенот на Хајдук. По повикот на полицијата и доаѓањето на Ливаја, тој го идентификуваше својот велосипед и го презеде назад, иако случајот претходно дури и не бил официјално пријавен.

Иако 32-годишниот напаѓач останува еден од омилените ликови меѓу навивачите на Пољуд, неговата улога во тимот во последно време е нешто поразлична. Кај тренерот Гонзало Гарсија тој сè почесто шансата ја добива од клупата за резерви, што беше случај и на првиот плејоф-натпревар за Конференциската лига против Раков, пред Сплиќани следната недела да заминат за Полска во двобој за долгоочекувана европска есен.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.