Првиот човек на македонскиот фудбал, Масар Омерагиќ, во своето последно гостување на јавниот сервис (МТВ) отворено проговори за проблеми кои ја кочат домашната фудбалска сцена. Фокусот на неговото излагање беше ставен на очајната инфраструктура, но и на обврските кои самите клубови ги игнорираат со години.
Иако јавноста често го вперува прстот кон ФФМ кога станува збор за руинираните стадиони, Омерагиќ повлече јасна линија на разграничување. Тој потенцираше дека Федерацијата е законски ограничена во своите инвестиции.
„Инфраструктурно заостануваме и тоа го кажувам отворено. Дел од стадионите се во лоша состојба, но тоа не може да биде вина на ФФМ затоа што многу од стадионите си имаат свои сопственици. Не можеме да инвестираме средства од УЕФА и ФИФА во приватни објекти што наплаќаат за користење“, дециден е Омерагиќ.
Претседателот на федерацијата порача дека е крајно време прволигашите и второлигашите да престанат да се потпираат само на помошта од куќата на фудбалот и да почнат да размислуваат за сопствена финансиска самоодржливост. Според него, одговорноста за стадионите лежи кај оние кои управуваат со нив, а ФФМ ќе помага само таму каде што има јасен спортски интерес.
Покрај организациските проблеми, Омерагиќ се осврна и на претстојните предизвици на националниот тим. Македонија ја очекува возбудлива сезона во Б-дивизијата од Лигата на нациите, каде противниците се сериозни европски селекции.
Наместо страв, првиот човек на ФФМ гледа мотив во силното друштво на Швајцарија, Шкотска и Словенија.
„Среќен сум што во Лигата на нациите сме во група со вакви противници. Тоа е шанса да видиме колку реално вредиме. Ќе играме пред полни трибини, а тоа треба да биде најголем предизвик за нашите репрезентативци“, истакна тој.

