Битолскиот ракометен гигант продолжува експресно да го крои ростерот за следните предизвици. Деветкратниот македонски првак Еурофарм Пелистер официјално го договори ангажманот на Омер Мехмедовиќ, кој доаѓа како второ засилување од Босна и Херцеговина, по претходниот потпис со Едвин Џелиловиќ.
Овој 26-годишен среден бек стави потпис на едногодишен договор со опција за уште една дополнителна сезона. Мехмедовиќ, кој поникна во Грачаница и имаше куса епизода во австрискиот Барнбах Хофланд, во Битола пристигнува од редовите на словенечкиот тим Рико Рибница. Официјалната промоција на новиот организатор на играта на пелистерци е закажана за почетокот на клупските подготовки.

