Кошарка Меѓународна кошарка

Олимпијакос ја одбрани круната во Грција: Фурние и Милутинов пресилни за Панатинаикос!

Пирејски Олимпијакос останува на кошаркарскиот трон во Грција, откако во пеколна атмосфера во салата „Мир и пријателство“ славеше со 89:85 против Панатинаикос во решавачкиот петти дуел од финалната серија. Овој пораз веројатно ќе значи и заминување на контроверзниот стратег на гостите, Ергин Атаман, кој претходно јавно вети дека ќе ги спакува куферите доколку сезоната ја заврши без пехар во домашната лига или во Евролигата.

Домаќините уште од самиот старт наметнаа пеколно темпо и буквално го прегазија ривалот во рекетот, постигнувајќи дури 30 поени под кош во првото полувреме. Српскиот центар Никола Милутинов одигра брилијантна партија против Матијас Лесор, запишувајќи 14 поени и 7 скокови, а токму тој со ладнокрвни слободни фрлања во финишот ја запечати победата. Најдобар поединец кај шампионот беше Еван Фурние со 22 поени и 7 асистенции, а одличен беше и Саша Везенков со 19 коша. На спротивната страна, скапо платените ѕвезди на Панатинаикос целосно потфрлија, особено Најџел Хејс-Дејвис кој беше целосно отсечен од играта.

Натпреварот го одбележа и огромен скандал на средината од третата четвртина при водство на Олимпијакос од огромни 20 поени разлика. По една жестока расправија, нервозниот Кендрик Нан влезе во физички конфликт со Тајрик Џонс, по што Американецот од Олимпијакос ги загуби кочниците и го фати за врат бекот на гостите. По маратонско 15-минутно прегледување на видеоснимките, судиите ги исклучија двајцата кошаркари, што беше далеку поголем удар за ротацијата на Атаман.

Иако „зелените“ беа во нокдаун, натурализираниот Македонец, Ти Џеј Шортс (14 поени, 6 асистенции) и фантастичниот Толиопулос (21 поен) креираа нестварна серија во финишот и во последната минута ја истопија предноста на домаќините на само четири поени. Сепак, искусниот Фурние остана присебен во пенал-завршницата и ја осигура титулата за големо славење во Пиреја.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.