Кошаркарите на Олимпијакос се пласираа во големото финале на фајнал-форот во Евролигата по убедливата победа над Фенербахче. Грчкиот гигант славеше во арената „ОАКА“ со резултат 79:61 и направи клучен чекор кон својата четврта европска титула. Избраниците на Јоргос Барцокас имаа фантастична поддршка од трибините иако играа во салата на својот најголем атински ривал.
Натпреварот започна со целосна доминација на црвено-белите кои со серија од 12:0 го отворија дуелот против турскиот тим. Фенербахче имаше огромни проблеми во нападот и дури седум минути во првата четвртина беше без постигнат поен. Составот предводен од Јасикевичиус на клупата, постојано бркаше негатива, но одличната одбрана на Олимпијакос не дозволи никаков резултатски пресврт.
Најдобар стрелец кај победниците беше Питерс со 17 поени, а Везенков придонесе со 16 коша во триумфот. Одличен меч одигра и Милутинов кој доминираше под обрачите со 11 скокови и четири постигнати поени. Во поразениот тим на Фенербахче најефикасен беше Биберовиќ со 17 поени, додека Хортон-Такер додаде 16 коша. Олимпијакос во финалето ќе го чека подобриот од шпанскиот дуел меѓу екипите на Реал Мадрид и Валенсија.

