Спортскиот директор на Баерн Минхен, Макс Еберл, потврди дека Џамал Мусијала се чувствува добро откако му се слоши за време на пријателскиот натпревар против РБ Лајпциг (3-1). Германскиот репрезентативец ја изгуби свеста во завршницата од мечот, но неговиот соиграч Исмаел Саибари го фати пред да падне на тревата. Мусијала го напушти теренот со силна вртоглавица и во следните денови ќе биде подложен на дополнителни медицински испитувања.
За младиот офанзивец ова е уште еден мачен период откако по тешката повреда сè уште се мачи да ја пронајде вистинската форма под водство на Венсан Компани. Дополнителна грижа за Баварците од овој контролен дуел се и повредите на Конрад Лајмер и Ким Мин-Џе, и тоа непосредно пред првиот официјален предизвик во новата сезона, пресметката во Суперкупот против Борусија Дортмунд.

