Денеска „Театарот на соништата“ ќе биде местото каде што ќе се судрат двата најголеми англиски тима, Манчестер Јунајтед и Ливерпул. Иако овој пат не се борат директно за шампионскиот пехар, овој натпревар има огромна тежина за двата тима. Јунајтед моментално е на третата позиција со 61 бод, додека Ливерпул го држи четвртото место со 58 бодови. Иако и двата тима се речиси сигурни патници во Лигата на шампиони следната сезона, најголемото англиско дерби сепак се игра за престиж, за историја.
Во центарот на вниманието кај домашниот тим е капитенот Бруно Фернандес. Португалецот игра неверојатна сезона и денеска има шанса да влезе во историјата на англискиот фудбал. Тој веќе има собрано 19 асистенции и му недостасува само уште една за да се израмни со легендарниот рекорд на Тјери Анри и Кевин де Брујне, или две за да стане новиот апсолутен рекордер по бројот на асистенции во една сезона, а „Олд Трафорд“ и дербито против најголемиот ривал Ливерпул се идеалната прилика за тоа.
Тимот на Мајкл Карик влегува во овој меч со голема самодоверба по победата во првиот меѓусебен дуел сезонава. Да потсетиме, во октомври на „Енфилд“, Јунајтед славеше со 2:1 со головите на Мбеумо и Мегваер, па сега Ливерпул и Арне Слот ќе бараат одмазда на гостински терен. Гостите ќе бидат ослабени без својот прв стрелец Мохамед Салах, но и покрај тоа, нивната цел е јасна – три бода и израмнување на табелата со „ѓаволите“.
Ако ја погледнеме историјата, ова е судир на двата најуспешни клуба во Англија. Манчестер Јунајтед и Ливерпул се изедначени на врвот со по 20 титули. Во нивните меѓусебни дуели, Јунајтед има нешто подобар скор со повеќе победи низ годините, но на вакви дерби натпревари статистиката често не значи ништо. Сè е подготвено за нов спектакл во Манчестер, а натпреварот започнува во 16:30 часот.

