Кошарка Меѓународна кошарка

Оклахома го скроти Сан Антонио за 1-1!

Оклахома Сити Тандер – Сан Антонио Спарс 122:113 (1-1 во серијата)

Актуелниот шампион Оклахома Сити експресно го преболе почетниот удар во финалето на Западната конференција. Пред своите навивачи, „Тандери“ славеа со 122:113 против Сан Антонио Спарс и ја изедначија серијата на 1-1, покажувајќи зошто го носат епитетот бранители на тронот.

Човек на одлука очекувано беше двократниот МВП, Шеј Гилџис-Александер. Канадскиот плејмејкер одигра маестрална партија, предводејќи го својот тим со 30 поени, 9 асистенции и 4 скока. Поддршка доби од Алекс Карусо (17 поени) и Чет Холмгрен (13), додека Исаија Хартенштајн доминираше под обрачите со 10 поени и 13 скока.

Оклахома ја контролираше предноста во поголемиот дел од мечот, но „Мамузите“ не се предаваа лесно. Предводени од Виктор Вембањама (21 поен, 17 скока и 4 блокади) и расположениот Стефон Кезл (25 поени), гостите од Тексас во неколку наврати се враќаа во егал. Сепак, серијата грешки во финишот и деветте изгубени топки на Кезл го запечатија нивниот пораз.

Серијата сега се сели во Тексас. Третиот натпревар се игра во ноќта меѓу петок и сабота, со почеток во 02:30 часот по средноевропско време, каде Сан Антонио ќе се обиде да го одбрани брејкот направен во првиот дуел.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.