Македонски ракомет Меѓународен ракомет Ракомет

Охрид за историја: Падна Татабања, Охрид го освои ЕХФ Европскиот куп!

Ракометарите на Охрид со златни букви се запишаа во спортската историја, откако вечерва по вторпат извојуваа победа над унгарска Татабања со 31:25 и беа крунисани за нови владетели во ЕХФ Европскиот куп. Овој престижен трофеј, кој минатата година му припадна на Алкалоид, сезонава повторно има македонски сопственик бидејќи охриѓани ги одиграа сите европски натпревари маестрално, а најдоброто го сочуваа за овој двомеч во кој ривалот беше целосно надигран.

Натпреварот во преполната сала „Билјанини извори“ започна со одлична интервенција на голманот Пилиповиќ и погодок на Јагуриновски за тотална еуфорија на трибините. Иако Татабања брзо возврати и поведе со 2:3 преку Житников, Охрид брзо ја затегна одбраната, па штом профункционира нападот, домашните ракометари по контранападот на Јасухира поведоа со 7:4, принудувајќи го гостинскиот тренер на тајмаут. Сериозен проблем за македонскиот тим се појави во 20. минута кога Иванковиќ заработи директен црвен картон поради удар во лицето на противнички ракометар. Унгарците го искористија тоа за да поведат со 8:9, но Охрид го прекина нивниот налет со мајсторски гол на Ќосевски, па со деветте интервенции на Пилиповиќ во првиот дел и погодокот на Тасески, на одмор се замина со минимална предност од 12:11.

Вториот дел започна со вистинска охридска фурија и гол на Дарко Ѓукиќ од крило, по што Охрид за помалку од две минути се одлепи на четири гола предност (15:11). Македонскиот претставник рутински ја одржуваше разликата, а кога кај домашните играчи се појави замор и Татабања намали на 22:20, тренерот Борис Ројевиќ веднаш реагираше со тајмаут. Клучниот момент во финишот се случи по третото исклучување и црвениот картон на Филип Талески од Татабања, по што Јагуриновски погоди за 24:21, а во самите завршни моменти одговорноста ја презеде феноменалниот Јасухира кој умешно ја задржа предноста до конечните 31:25.

Најзаслужен за овој голем успех беше токму Јасухира со девет погодоци, Стрмљан постигна шест, Јагуриновски додаде четири, додека Пилиповиќ на голот блескаше со вкупно 13 големи интервенции.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.