Европскиот пехар повторно се кова во „Билјанини извори“. Актуелниот освојувач на ЕХФ Европскиот куп, ГРК Охрид, вечерва ја започнува мисијата за одбрана на историскиот трофеј, а македонскиот претставник доби идеална шанса целата работа против турски Спор Тото да ја заврши пред сопствената публика за помалку од 24 часа.
Благодарение на договорот меѓу двата клуба, турскиот состав прифати и двата натпревари да се одиграат во охридскиот спортски храм. Првиот одмерувачки двобој се игра вечерва, додека реваншот е закажан веќе за утре во истиот термин во 18:30 часот, сценарио кое му дава огромна предност на тимот под команда на Борис Ројевиќ.
Иако улогата на фаворит е целосно на страна на охриѓани, во соблекувалната нема место за какво било опуштање. За максималниот фокус и респект кон противникот потврдува и јапонскиот интернационалец во сино-белиот дрес, Шуичи Јошида.
„Подготвени сме за овој двоен предизвик. Знаеме дека нè чека борба, но веруваме во сопствената моќ и во хемијата што ја имаме во тимот. На терен излегуваме да дадеме 100 проценти и да го направиме првиот чекор кон посакуваната цел“, порача Јошида.
Спектаклот во Охрид започнува во 18:30 часот, со директен ТВ-пренос на ТВ Арена М3 Премиум.

