Ракометарите на Охрид се на чекор до историски европски трофеј. Македонскиот претставник славеше на гости кај унгарската екипа Татабања со минимални 28:29. Ова беше прв натпревар од големото финале во ЕХФ Европскиот куп.
Охрид одигра извонредно во првото полувреме благодарение на фантастичниот голман Пилиповиќ. Нашите ракометари наметнаа силно темпо и во неколку наврати водеа со шест голови разлика. На паузата меѓу двете полувремиња гостите заминаа со заслужена предност од 8:13.
Во второто полувреме домашниот тим ја искористи кризата кај охриѓани и успеа да ја истопи големата предност. Унгарците дури и поведоа со 28:27 во претпоследната минута од овој драматичен натпревар.
Сепак, Иванковиќ брзо израмни, а Пилиповиќ забележа клучна одбрана за последен напад на Охрид. Точка на мечот стави Ѓукиќ кој погоди за голема победа.
Шанса за заверка на европската титула Охрид ќе има пред своите верни навивачи. Реванш натпреварот е закажан за следниот викенд, поточно во недела на 31 мај. Спектаклот во Охрид ќе започне со почеток од 20:00 часот.

