Македонски ракомет Меѓународен ракомет Ракомет

Охрид пред најголемиот испит во Целје!

Ракометарите на Охрид се пред историски предизвик, денеска од 18:00 часот, избраниците на Борис Ројевиќ го отвораат полуфиналниот двомеч од ЕХФ Европскиот куп против словенечкиот гигант Целје. Охридската експедиција патува во Словенија со јасна цел да покаже дека одличната форма не е случајност, туку плод на напорна работа и европска зрелост.

Охрид сезонава се етаблира како тим што не признава фаворити, особено кога игра далеку од дома. Најдобра потврда за тоа беше доминантната партија против Олимпијакос во Атина, каде охриѓани одиграа тактички беспрекорен натпревар. Токму тоа издание е „нацртот“ по кој Ројевиќ планира да му се спротивстави на словенечкиот состав.

Пеколниот распоред остави трага, но не и простор за алиби. Само неколку дена по емотивната и физички исцрпувачка битка на Ф4 турнирот во Струмица, каде Охрид храбро се бореше во финалето против Вардар, тимот веднаш мораше да се престрои за европската сцена.

Десниот бек Дарко Ѓукиќ е свесен дека тимот е под силен замор, но верува во карактерот на екипата „Се истрошивме во финалето на Купот, тоа е факт. Но, фокусот веднаш се префрли на Целје. Немаме простор за калкулации, одиме во Словенија да дадеме сè од себе и да извлечеме позитивен резултат. Знаеме дека не чека сериозен ривал, млад тим кој негува брз и модерен ракомет, но веруваме во нашите квалитети“, порача Ѓукиќ во пресрет на дуелот.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.

Поврзани вести