Македонски ракомет Меѓународен ракомет Ракомет

Охрид повторно подобар од Вардар

ГРК Охрид продолжува да ја потврдува одличната форма пред стартот на новата сезона. Охриѓани по вторпат во само седум дена го совладаа Вардар во финале, овојпат со 29-27, и повторно го кренаа трофејот на меморијалниот турнир „Крсте Андоновски“. Домашниот состав одигра зрело и дисциплинирано, а иако Вардар во поголемиот дел од мечот беше рамноправен противник, Охрид во клучните моменти имаше повеќе концентрација и заслужено стигна до победата.

Првото полувреме донесе израмнета и цврста борба, во која ниту една од екипите не успеа да направи посериозна разлика. Во финишот од првиот дел Охрид беше за нијанса подобар и на одмор замина со предност од 12-10. Охриѓани го контролираа резултатот и во продолжението. Предноста во второто полувреме најчесто се движеше меѓу два и четири гола, а домашниот тим во финишот успеа да ја зголеми разликата. По голот на Доминик Мате на пет минути до крајот, Охрид стигна до највисоките плус пет – 26-21.

Вардар не се предаде и до самиот крај се обидуваше да се врати во игра, но избраниците на Ројевиќ успешно го задржаа водството и го прославија конечниот триумф од 29-27. За Охрид ова беше уште една значајна победа над големиот ривал, откако истиот противник беше совладан и во финалето на турнирот во Струга пред само една недела.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.