Охрид игра историска сезона, а тоа уште еднаш го потврди и вечерва во полуфиналето на Купот на Македонија, декласирајќи ја екипата на Еурофарм Пелистер, во Струмица, со 26:19, пласирајќи се за прв пат во својата историја во финалето.
Охриѓани одиграа перфектен натпревар и целосно го надиграа актуелниот шампион на Македонија. Битолчани, иако беа фаворити пред дуелот, немаа никаква шанса против разиганиот Охрид, а на полувреме заминаа со негатива од шест погодоци (13:7). Ракометарите на Охрид, предводени од Борис Ројевиќ на клупата, продолжија во ист ритам и во вториот дел, а предноста постојано растеше.
Ова е историска шанса за екипата на Охрид да дојде до првиот трофеј во својата историја.
Во второто полуфинале ќе се сретнат екипите на Вардар и Алкалоид, а натпреварот ќе стартува во 20:00 часот.

