Ракометарите на Охрид приредија неверојатен подвиг и со драматично реми (30-30) против хрватскиот гигант Загреб се пласираа во големото финале на меморијалниот турнир „Крсте Андоновски“.
Загреб го контролираше натпреварот во поголемиот дел и во еден момент имаше висока предност од пет гола разлика. Сепак, домаќините одбија да се предадат и со жестока борба во вториот дел успеаја целосно да ја стопат негативата.
Клучен човек за големиот пресврт беше голманот на Охрид, Славиќ, кој блесна со дури 13 одбрани, од кои девет забалежа во второто полувреме, вклучувајќи и две пресудни интервенции во самиот финиш. Најефикасен во редовите на охриѓани беше Доминик Мате со шест погодоци, додека израмнувачкиот гол за 30-30 беше дело на Џукиќ. Загреб го имаше последниот напад во преостанатите шест секунди, но не успеа да ја затресе мрежата.
Со овој резултат, Охрид го освои првото место во групата и се избори за трофејна пресметка во големото финале каде што ги одмери силите против екипата на Вардар.

