Македонски ракомет Меѓународен ракомет Ракомет

Охрид го разби Спор Тото и ја отвори вратата кон следната рунда

Актуелниот шампион ГРК Охрид со моќна претстава и убедлив триумф од 36:24 (18:10) против турскиот Спор Тото ја започна одбраната на трофејот во ЕХФ Европскиот куп. На првата од двете закажани пресметки во салата „Билјанини извори“, избраниците на Борис Ројевиќ покажаа евидентна разлика во квалитетот и уште по првите 60 минути си обезбедија капитална предност од +12.

Иако гостите од Турција во воведните минути пружија отпор и израмнија на 4:4, охриѓани брзо ги поставија работите на свое место. Главниот бран на домашната офанзива пристигна во завршницата од првото полувреме, кога со гранитна одбрана и важни интервенции на голманот Дино Славиќ, кој запиша девет одбрани во првиот дел, Охрид се одлепи и замина на одмор со комотни 18:10.

Вториот дел беше чиста формалност во која домаќините рутински ја одржуваа предноста, не дозволувајќи му на противникот ниту за момент да се врати во игра.

Прво име во составот на Ројевиќ беше разиграниот Доминик Мате со девет постигнати голови, додека кај противникот се истакна Илкај Келесоглу со осум погодоци. Вториот дуел, кој според сè ќе биде само верификација на пласманот понатаму, се игра утревечер на истото место, повторно од 18:30 часот.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.