Салата „Билјанини Извори“ во Охрид од денеска е центар на балканскиот женски ракомет, каде што покрај домаќинот Македонија, селекциите на Србија, Црна Гора и Хрватска ќе ги одмерат силите на овогодишното издание на „Трофеј Македонија“. Овој турнир служи како вистинска контролна на силите пред Европското првенство во декември, а гостинските табори во Охрид пристигнаа со значително подмладени екипи решени да го тестираат својот потенцијал.
Од српскиот табор, поранешната легендарна пивотка, а сега дел од стручниот штаб, Драгана Цвијиќ, истакна дека овој турнир е златна шанса за младите ракометарки да го осетат сениорскиот ракомет на високо ниво.
„Голема чест и задоволство е што ја претставувам мојата земја тука. Дојдовме со подмладен состав и исклучително ми е мило што дел од јуниорските ракометарки ќе добијат простор да ги покажат своите можности на сениорско ниво. Едвај чакаме да почне турнирот, да си го провериме квалитетот и вистински да ја загрееме формата за декемврискиот континентален собир“, истакна Цвијиќ.
Слична филозофија негува и Црна Гора. Селекторката Сузана Лазовиќ го гледа турнирот во Охрид како почетна станица од двегодишниот план за градење нов моќен национален состав за претстојниот олимписки циклус.
„Убава е дружбата кога ги имаш сите балкански селекции на едно место. Ова е сосема нов почеток за нашата подмладена селекција. Имаме пред нас две години да ја споиме младоста со искуството и да изградиме тим за големи работи. Верувам дека девојките ќе го дадат максимумот за да добијам појасна слика што можеме да очекуваме на Европското првенство“, порача Лазовиќ.
Натпреварувачката програма започнува денеска од 16:00 часот со регионалното дерби меѓу Црна Гора и Хрватска, по што следуваат пресметките кои ќе понудат одличен ракомет за публиката во Охрид.

