Меѓународен фудбал Фудбал

Официјално збогување, Хамес Родригез го напушта националниот тим

Хамес Родригез одлучи да стави крај на својата репрезентативна кариера и по 15 години да го затвори поглавјето со националниот тим на Колумбија. Поранешниот капитен на Колумбија преку емотивна порака потврди дека повеќе нема да го носи репрезентативниот дрес, истакнувајќи дека настапите за својата земја биле голема чест, но и огромна одговорност.

„По многу години, натпревари, радости и тешки моменти, чувствувам дека дојде време да затворам едно поглавје од мојот живот – мојот пат со колумбиската репрезентација. Носењето на овој дрес беше сон, но и огромна одговорност“, порача Хамес.

Тој за сениорската репрезентација дебитираше во октомври 2011 година, а најсветлиот момент во националниот дрес го доживеа на Светското првенство во 2014 година во Бразил. Хамес тогаш постигна шест гола на пет натпревари и ја освои „Златната копачка“ за најдобар стрелец на турнирот. Во текот на богатата кариера играше за Реал Мадрид, Баерн Минхен, Евертон, Олимпијакос, Сао Паоло и повеќе други клубови. Неодамна се врати во Колумбија и потпиша за Атлетико Насионал.

Хамес настапи на три светски првенства – во 2014, 2018 и 2026 година – со што се израмни со легендите Карлос Валдерама и Фреди Ринкон по бројот на настапи за Колумбија на Мундијалите. Посебно место во неговата репрезентативна приказна има и Копа Америка 2024. Хамес беше капитен во финалето против Аргентина, во кое Колумбија стигна до своето прво финале на турнирот по пауза од 23 години. На крајот, Хамес ја заврши репрезентативната кариера со 131 настап и 31 гол.

„Заминувањето го правам со мирна совест, бидејќи знам дека дадов апсолутно сè. Ви благодарам за секој спомен, секоја прегратка и секој момент“, порача ѕвездата на колумбискиот фудбал.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.