Она за што со месеци се шпекулираше, конечно доби официјална потврда, Белград станува епицентар на светскиот MMA спорт на 1 август. Најголемата светска организација, UFC, го закажа својот спектакуларен настан „Fight Night“ во „Белградска арена“, со што Србија за првпат во историјата ќе биде домаќин на елитата во мешани боречки вештини. Со овој потег, државата влегува во ексклузивното друштво на само 11 европски земји кои некогаш имале чест да организираат ваков глобален спектакл.
Главниот фокус на вечерта се очекува да биде насочен кон домашните асови, Александар Ракиќ, Урош Медиќ и Душко Тодоровиќ, кои се во најтесен круг за настап пред својата публика. Сè уште се чека официјализирање на главната борба на вечерта, но веќе е јасно дека Белград ќе биде под опсада на љубителите на боречките вештини од целиот регион. Овој историски настан не само што ја става Србија на светската боречка мапа, туку ветува и вечер исполнета со адреналин каква што досега не е видена на овие простори.

