По прилично турбулентната и проблематична сезона без Џан Пјеро Гасперини, раководството на Аталанта реши да ја прекине тренерската вртелешка и да заигра на испробана, шампионска карта. Славниот италијански стратег Маурицио Сари е официјално промовиран во нов шеф на стручниот штаб во Бергамо, обврзувајќи се на тригодишна верност со договор кој има важност до јуни 2029 година.
Искусниот стручњак пристигнува во Бергамо веднаш по прекинот на соработката со Лацио, која за него заврши со големо разочарување и дури деветто место во Серија А. Челниците на Аталанта, кои едвај извлекоа седмо место и изборија излез во Европа во последен момент, не сакаа ништо да препуштат на случајот и решија во својот тим да го обноват еден од најуспешните тандеми во поновата италијанска фудбалска историја. Сари во клубот одново ќе соработува со новиот спортски директор Кристијано Џунтоли, човекот со кого работеше во Наполи во периодот од 2015 до 2018 година, кога ја воодушевуваа комплетната европска јавност со својот препознатлив „Сари-бол“ стил.
„Аталанта со големо задоволство ја информира јавноста дека техничкото водство на првиот тим му е доверено на Маурицио Сари. За неговата богата кариера најдобро илустрираат повеќе од 800 професионални натпревари, зачинети со големи трофеи како оние во Лигата на Европа и Скудетото. Семејствата Перкаси и Паљука, како и комплетниот клуб, му посакуваат топло добредојде на господин Сари во нашето црно-сино семејство“, стои во официјалното соопштение на клубот.
Како што пренесува угледниот весник „Газета дело Спорт“, новиот кормилар нема веднаш да троши пари во летниот преоден рок, туку во првата фаза од подготовките ќе направи комплетна скен-анализа на постоечкиот играчки кадар пред да ги повлече првите конкретни потези за засилување на тимот.

