Шпанскиот кошаркарски стратег Ибон Наваро и официјално е именуван за нов шеф на стручниот штаб на Црвена Звезда. Она што се најавуваше изминатиот период, денеска доби потврда од белградскиот клуб. Досегашниот предводник на Уникаха доаѓа во Белград со јасна цел да го реконструира тимот и да изгради состав кој ќе биде максимално конкурентен во Евролигата.
Наваро е познат по својот препознатлив стил кој вклучува брза и интензивна кошарка со голема ротација на играчите, формула која се очекува да ја пренесе и во новата средина. Од таборот на црвено-белите му посакаа добредојде и многу успеси на новиот шеф на стручниот штаб, најавувајќи дека јавноста во следниот период ќе биде информирана за сите засилувања во преодниот рок исклучиво преку официјалните канали на клубот.

