По разделбата со Лос Анџелес Клиперс, искусниот српски бек Богдан Богдановиќ брзо пронајде нов клуб во НБА лигата. Раководството на Хјустон Рокетс реагираше експресно и договори соработка со одличниот шутер. Финансиските детали и времетраењето на договорот засега не се објавени во јавноста.
Тренерот Удока во својот тим добива кошаркар кој со години важи за еден од најсигурните стрелци од дистанца. Иако минатата сезона ја одбележаа незгодни повреди, во Тексас веруваат дека Богдановиќ брзо ќе ја врати препознатливата форма.
Искусниот кошаркар летово се поврзуваше и со враќање во Европа, каде најмногу се споменуваше неговиот поранешен клуб Партизан. Сепак, тој реши да го продолжи престојот во Америка. Тој зад себе има девет НБА сезони во Сакраменто, Атланта и Клиперс.
Хјустон со овој потег јасно покажува дека сака максимално да го засили шутот за следната натпреварувачка година. Српскиот репрезентативец во тимот ќе им се приклучи на ѕвездите Кевин Дурент, Алперен Шенгун и Амен Томпсон. Заедно со нив, Богдан ќе се обиде да ги однесе „Ракетите“ најмалку до финалето на Западот.

