Машката одбојкарска репрезентација на Македонија денеска од 18:00 часот го игра својот трет натпревар на Европското првенство во Софија, а на спротивната страна од мрежата ќе го има најтешкиот можен ривал — актуелниот континентален владетел Полска.
По воведните два порази од Бугарија и Украина, за македонските одбојкари оваа пресметка пристигнува во момент кога тимот може да одигра со целосна слобода и без никаков притисок. Полска го носи статусот на апсолутен фаворит во групата, што им овозможува на нашите репрезентативци растеретено да излезат на паркетот и да одмерат сили со одбојкарскиот крем на Европа.
Иако фокусот е ставен на што подобар отпор и квалитетна игра против светската велесила, вистинските одлучувачки битки за пласман во нокаут-фазата за Македонија следуваат во последните две кола. Калкулациите се јасни, за повторување на успехот и премин меѓу најдобрите, македонските одбојкари ќе мора да ги добијат клучните двобои кои следуваат против Португалија и Израел.

