Фудбалскиот свет е сведок на еден од најголемите скандали во поновата историја на англискиот фудбал, каде што желбата за успех и за влез во елитата ги премина сите граници на фер-плејот. Кога шпионските игри надвор од теренот ќе ја заменат фудбалската тактика, тогаш казната е немилосрдна и може целосно да ги уништи соништата на еден клуб за кој навивачите сонувале цела година. Наместо славење на теренот, еден поранешен премиерлигаш доживеа вистинска административна катастрофа која долго ќе ја памети.
Независната комисија на Англиската фудбалска лига (ЕФЛ) експресно ја одби жалбата на Саутемптон, со што и официјално останува на сила драстичната казна, исфрлање на клубот од финалниот бараж за пласман во Премиер лигата. Покрај ова, на „светците“ за следната сезона ќе им бидат одземени и четири бода. Оваа одлука на арбитражниот суд е конечна, а Саутемптон веќе нема право да поднесе нова жалба до Меѓународниот спортски суд во Лозана (ЦАС).
Процедурата беше покрената откако ЕФЛ изнесе сериозни обвинувања дека членови на стручниот штаб на Саутемптон неовластено ги шпионирале тренинзите на Оксфорд Јунајтед и Ипсвич, а ги снимале и тајните тактички подготовки на Мидлсбро пред нивниот прв полуфинален дуел. Клубот ги признал овие повеќекратни прекршувања на правилникот, по што уследи немилосрдниот декрет за дисквалификација.
Како директна последица на овој скандал, во големото финале на лондонскиот стадион „Вембли“ ќе патуваат екипите на Хал и Мидлсбро. Овој супер-важен натпревар кој вреди стотици милиони евра е закажан за в сабота со почеток од 16:30 часот, каде што двата тима во директен дуел ќе одлучат кој е новиот член на англиската фудбалска елита.

