Додека очите на светската јавност во Северна Америка се свртени кон ветеранот Лионел Меси, кој и на 39 години е прв стрелец, и вообичаените суперѕвезди како Мбапе, Халанд, Роналдо и Винисиус, Светското првенство доби свој неочекуван херој. Станува збор за 20-годишниот Јохан Манзамби, младиот офанзивец кој на своите плеќи ја однесе Швајцарија во нокаут-фазата на Мундијалот.
Селекцијата на Мурат Јакин не започна ветувачки на овој турнир. По ремито со Австралија во генералната проба и шокантниот кикс против Катар на стартот, капитенот Гранит Џака јавно предупреди дека тимот мора итно да се спушти на земја бидејќи со таква игра немаат што да бараат на првенството. Клучниот пресврт во соблекувалната се случи кога Јакин реши во оган да го фрли суперталентот на Фрајбург. Манзамби прво влезе од клупата против Босна и Херцеговина и за само 20 минути постигна два гола, а веќе на следниот натпревар против Канада заигра како стартер на десната крилна позиција, каде прво му асистираше на Рубен Варгас, а потоа и самиот мајсторски погоди за триумф.
Вредноста на Манзамби уште во мај беше проценета на 50 милиони евра, но по овие мундијалски партии Фрајбург сигурно ќе бара астрономска отштета. Наполи уште во ноември минатата година се обиде да го донесе по повредата на Де Брујне, а по последниот блесок, легендарниот Томас Милер на шега изјави дека Баерн Минхен мора веднаш да го купи бидејќи момчето игра на секоја можна позиција во нападот и средниот ред. Бруталните бројки на Манзамби од изминатата клупска сезона ја потврдуваат неговата неверојатна поливалентност, со оглед на тоа што тој е фудбалерот на Фрајбург со најмногу добиени дуели (179) и најуспешни дриблинзи (33) во Бундеслигата. Дополнително, во топ 5 европските лиги, тој е најфаулираниот фудбалер во сите натпреварувања со дури 139 прекршоци над него, а забележа и повеќе прогресивни изнесувања на топката од кој било друг германски играч за врска.
Животна приказна на Јохан е навистина интересна. Роден во Женева во семејство на емигранти од Конго и Ангола, тој како дете во дворот сонувал за една поинаква кариера. Самиот признава дека сакал да биде голман бидејќи имал премногу енергија и постојано сакал да се фрла на земја, а негов идол бил Мануел Нојер. Сепак, неговиот татко и браќата му кажале „не“ и го запишале како играч во локалниот клуб Сервет уште кога имал четири години. Наместо меѓу стативите, тој заврши во офанзивата, а судбината сакаше токму оваа сезона во Бундеслигата дури двапати да го матира својот идол Нојер на дуелите против Баерн Минхен.
На натпреварот против Босна и Херцеговина, младиот Швајцарец беше на чекор до историја. Доколку го изведеше пеналот во финишот, ќе постигнеше хет-трик како замена и ќе станеше третиот најмлад стрелец на хет-трик во историјата на Мундијалите, веднаш зад Пеле во 1958 и Едмунд Конен во 1934 година. Сепак, одговорноста ја презеде капитенот Гранит Џака, потег кој наиде на лавина критики кај навивачите. Искусниот играч за врска веднаш ги смири страстите изјавувајќи дека во тимот има јасни правила и дека искусните мора да ја преземат одговорноста во клучните моменти, но потенцираше дека времето на Јохан допрва доаѓа. Судејќи по сè што покажа досега, тоа време е веќе пристигнато.

