Меѓународен фудбал Фудбал

Од најголемо засилување до разочарување, Арнаутовиќ ја напушта Звезда

Марко Арнаутовиќ би можел да ја заврши својата авантура во Црвена Звезда уште во текот на зимскиот преоден рок. Според пишувањата на австриските медиуми, заминувањето на искусниот напаѓач од „Маракана“ е веќе извесно, а како една од најсериозните опции за продолжување на кариерата се споменува враќање во Германија.

Австрискиот портал „oe24.at“ открива дека за услугите на Арнаутовиќ е заинтересиран Хановер, каде што би можел да пристигне и Марко Марин, актуелниот спортски директор на белградскиот клуб. Доколку трансферот се реализира, напаѓачот повторно би заиграл во германскиот фудбал, каде што претходно го носеше дресот на Вердер Бремен. Иако пристигна како едно од најзвучните засилувања на Црвена Звезда, Арнаутовиќ не ги оправда очекувањата. Сезонава има седум постигнати погодоци, но неговиот придонес во најважните натпревари остана далеку од посакуваното.

Дека неговата позиција во тимот не е сигурна покажува и последната одлука на тренерот Алберт Риера во дуелот со Интер Ескалдес. Во моментите кога Бамба Диенг се повреди, шпанскиот стратег одлучи на теренот да го испрати Владимир Лучиќ, наместо да му даде можност на Арнаутовиќ.

Неговиот последен настап беше против Војводина, кога помина 87 минути на теренот, но повторно не успеа да се запише во листата на стрелците. Така, фудбалерот од кого се очекуваше да биде едно од главните оружја на белградскиот гигант сè повеќе се поврзува со заминување, а Хановер се наметнува како можна следна дестинација.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.