Кошарка Македонска кошарка

Од МЗТ Скопје и Маџари децидни: Сè е подготвено за почеток на кошаркарска драма!

Вечерва со почеток во 20:30 часот стартува големото финале во домашниот кошаркарски шампионат, каде силите ќе ги одмерат екипите на МЗТ Скопје и Маџари во СЦ „Јане Сандански” .Бранителот на тронот ја пречекува најпријатната сензација во првенството во пресметка која ветува врвна кошарка и огромна борба на теренот. И двата табора влегуваат со максимална мотивација, свесни дека секој посед и секоја секунда ќе бидат клучни за почетна предност во оваа финална серија. Пред првиот судиски свиреж, своите очекувања и најави ги споделија стратезите на двата тима, Атанасов и Тодоровиќ.

„Финалето носи посебен предизвик, како круна на сезоната во која сте пролеале милион капки пот. Веруваме во својот квалитет и подготвени сме да дадеме сè за да ја одбраниме титулата. Маџари со настапите во првенството и плеј-офот покажа квалитет кој мора да се почитува. Нема да го потцениме ривалот, без разлика на тоа што е дебитант во елитата. Свесни сме дека зависи од нас. Ако бидеме на потребното ниво тогаш ќе бидеме многу близу до задржување на шампионскиот пехар во Аеродром“, изјави Атанасов.

Додека пак, тренерот на КК Маџари уверува дека неговиот тим ќе даде се од себе до последната секунда…

„Пред се, сакам да им честитам на двете екипи за влез во финалето. Интересно е дека првенството оваа година започна со натпреварот МЗТ Скопје – Маџари, а така и ќе заврши. Што се однесува до мојата екипа, едно сигурно знам, дека ќе дадеме се од себе. Секој атом од силата, ќе се бориме секоја секунда, за секој поен, за секој посед! Не доаѓаме во Аеродром со бело знаме, напротив. Одиме до крај, и сакаме оваа наша бајка од соништата да има среќен крај“, изјави Тодоровиќ.

Влезот на овој натпревар е слободен.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.

Поврзани вести