Црвена Звезда доживеа тежок пораз на гостувањето кај Викторија Плзен со 5-1 во реванш натпреварот од плејофот за Лигата на Европа. Иако српскиот шампион замина во Чешка со предност од првиот меч, домашниот состав со два гола во самата завршница и судиското надополнување стигна до вкупен триумф од 5-4, испраќајќи ги белграѓани во Конференциската лига каде што ќе настапуваат за првпат во клупската историја.
Оваа елиминација доаѓа по лето во кое во клубот се најавуваше напад врз Лигата на шампионите и потенцијален приход од околу 30 милиони евра. Покрај спортското разочарување, клубот се соочува и со сериозен финансиски удар. Самиот пласман во лигашката фаза од Конференциската лига носи 3,17 милиони евра, што е за околу еден милион евра помалку од почетната награда за учество во Лигата на Европа. Помали се и премијата за резултатите: победа во Конференциската лига носи 400.000 евра, додека нерешениот исход се вреднува со 133.000 евра.
За тим чиј играчки кадар е проценет на околу 118 милиони евра, остварениот европски приход ќе биде далеку под првичните очекувања. Црвена Звезда ги дознава своите нови ривали денеска по 13:00 часот, кога е закажана ждрепката за лигашката фаза од Конференциската лига, каде белградскиот клуб ќе биде сместен во вториот шешир.

