Македонски фудбал Фудбал

Обвинувања за навреди од судијата Илиоски, Шкендија Арачиново бара реакција од ФФМ!

ФК Шкендија Арачиново побара од Фудбалската федерација на Македонија да го истражи однесувањето на главниот судија Влатко Илиоски на денешниот натпревар против Струга Трим Лум, кој гостите го добија со 0-2.

Од клубот тврдат дека во 88. минута Илиоски му упатил навредливи зборови на капитенот Бесир Демири. Според писмената изјава на фудбалерот, судијата му се обратил со зборовите „Мајмун неписмен“, поради што Шкендија Арачиново смета дека станува збор за сериозен инцидент што бара детална проверка.

Клубот од Арачиново оценува дека ваквиот речник е недозволив за фудбалски судија и изразува сомнеж дека навредата може да има и расистичка конотација. Во соопштението се наведува дека на теренот имало и двајца темнокожи фудбалери на противничката екипа, а спорната ситуација предизвикала тензии и по последниот судиски свиреж.

Од Шкендија Арачиново посочуваат дека Демири веќе доставил официјална писмена изјава до делегатот на натпреварот, во која навел дека постојат и сведоци на инцидентот.

Клубот сега бара ФФМ да ја објави аудиоснимката од 88. минута, да ги испита сите околности и да преземе соодветни мерки доколку се потврдат обвинувањата.

„Судиите се на теренот за да делат правда, а не да ги навредуваат и провоцираат фудбалерите“, порачуваат од Шкендија Арачиново, барајќи одговорност за случајот.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.