Жељко Обрадовиќ повторно почувствува колку посебно место зазема во срцата на навивачите на Партизан. Иако вечерва беше на спротивната страна, предводејќи го Панатинаикос до убедлива победа во Белград, легендарниот тренер доби пречек исполнет со овации и емоции. Панатинаикос го совлада Партизан со 72-55 во натпреварот од петтото коло во Евролигата и ја продолжи победничката серија. Сепак, покрај резултатот, во центарот на вниманието беше враќањето на Обрадовиќ пред публиката со која има посебна и длабока врска.
По натпреварот, тренерот на грчкиот гигант им се заблагодари на навивачите за пречекот, нагласувајќи дека чувствата се взаемни и дека ништо не може да ја прекине неговата поврзаност со црно-белите.
„Љубовта е обострана. Овој клуб ми значи многу и горд сум што овие луѓе ги препознаваат работите. Мојата врска со овој клуб е нераскинлива и секогаш ќе биде така“, порача Обрадовиќ.
Осврнувајќи се на натпреварот, тој истакна дека неговиот тим одиграл квалитетно во одбраната, иако во нападот имал одредена доза на нервоза поради атмосферата во Белград.
„Победата е важна и мора да продолжиме вака. Им честитам на играчите за триумфот и за продолжувањето на серијата победи“, додаде српскиот стратег.
Обрадовиќ, кој зад себе има прекрасни години во Партизан, не ја криеше желбата белградскиот клуб да има стабилно место меѓу европската кошаркарска елита.
„Многу би сакал Партизан да стане постојан член на Евролигата“, истакна тој.
Со оваа победа Панатинаикос останува на максимален учинок по пет одиграни кола, додека Партизан има три победи и два порази.

