Меѓународен фудбал Фудбал

Њукасл искешира 50 милиони евра за еден од најбрзите играчи во Бундеслигата

Њукасл повторно до врв ја наполни касата на германски Хофенхајм. По трансферот на Жоелинтон пред седум години за близу 44 милиони евра, кој тогаш беше рекордна продажба за германскиот тим, премиерлигашот сега ја подигна границата уште повисоко. Новиот трансфер на „страчките“ е брзоногото 20-годишно крило Базумана Туре. Иако официјалната сума на трансферот не е јавно објавена, англиските и германските медиуми се децидни дека зделката вреди најмалку 50 милиони евра.

Репрезентативецот на Брегот на Слоновата Коска пристигнува на „Сент Џејмс Парк“ како директна замена за Ентони Гордон, кој неодамна се пресели во Барселона за 80 милиони евра. Њукасл летово има огромен буџет за трошење, ако се земе предвид дека го продадоа и Сандро Тонали во Тотенхем за фантастични 120 милиони евра, па сега раководството полека почнува паметно да ги троши заработените пари.

Младиот Туре важи за вистински кошмар за противничките одбрани поради својата експлозивност, откако минатата сезона ја разви втората најголема брзина во германскиот шампионат. Тој на теренот функционира повеќе како асистент отколку како класичен голгетер, што го потврдуваат и бројките, на 43 меча за година и половина во Бундеслигата постигна пет гола, но запиша дури 15 асистенции. Од овој трансфер сериозно профитираше и шведски Хамарби, од каде Хофенхајм првично го купи за 10 милиони евра, со вклучени проценти кои на Швеѓаните сега им носат дополнителни 5 милиони евра.

„Уште од мали нозе сонував да заиграм во Премиер лигата и тоа за голем клуб како Њукасл. Тука атмосферата е семејна, а тоа многу ќе ми помогне побрзо да се прилагодам, да се докажам и да го дадам најдоброто од себе. Ветувам дека ќе го оставам срцето на теренот за овој дрес“, порача возбудениот Туре при промоцијата.

За англискиот тим ова е второ звучно засилување во летниот преоден рок. Прв нов член на екипата претходно стана 20-годишниот француски голман Ивен Жауен, кој пристигна од редовите на Ремс во трансфер вреден 21,5 милиони евра.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.