Кошарка Меѓународна кошарка

Њујорк од „минус 29“ до епска победа над Сан Антонио!

Њујорк Никс приредија епски пресврт за кој долго ќе се зборува во кошаркарскиот свет. Иако беа отпишани, кошаркарите на Њујорк успеаја да направат невозможно во дуелот против Сан Антонио Спарс, славејќи со 107:106. Со оваа неверојатна победа, Никс поведоа со 3:1 во финалната серија и се наоѓаат на само еден чекор до својот прв шампионски прстен по пауза од цели 53 години (поточно од 1973 година).

Она што го прави овој триумф историски е фактот што тимот на Њујорк успеа да анулира огромна негатива од дури 29 поени. На полувремето, Спарси имаа комотна предност од +27, а во текот на третиот период се чинеше дека сè е готово кога на семафорот стоеше максимални 81:52 за гостите.

Сепак, финишот донесе вистински трилер. Човек на одлука беше Оу-Джи Ануноби. На само 1,2 секунди пред последниот свиреж, тој одлично реагираше по промашениот обид за три поени на Џејлен Брансон, го поправи промашувањето и ја заби топката во кош за луда радост во „Медисон Сквер Гарден“.

Како и вообичаено, моторот на Њујорк беше Џејлен Брансон, кој го предводеше тимот со 36 поени и 7 асистенции, а веднаш зад него беше и самиот херој Ануноби, кој покрај победничкиот кош, зад своето име запиша фантастични 33 поени.

Кај поразениот тим на Сан Антонио, првата ѕвезда Виктор Вембањама оствари дабл-дабл ефект со 24 поени и 13 скокови, но младиот Французин потфрли во клучните моменти поради катастрофалниот процент на шут од игра.

Ова враќање на Њујорк официјално е заведено како најголемиот пресврт во историјата на НБА-финалињата, откако во 1997 година лигата започна со детално следење на статистиката по четвртини. Со ова, Никс го соборија претходниот рекорд на Бостон Селтикс од 2008 година, кога „келтите“ успеаја да надополнат „минус 24“ против Лос Анџелес Лејкерс.

Следната, петта средба од оваа финална серија се игра в сабота навечер, но овојпат на теренот во Сан Антонио. Њујорк сега има три „меч-топки“ за да ја завери долгоочекуваната шампионска титула.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.