По разочарувачката сезона, каде великанот од Амстердам едвај избори излез во Европа, Ајакс го потврди пристигнувањето на ново големо засилување. Германскиот репрезентативец Јулијан Брант му се приклучи на тимот од Амстердам како слободен играч и стави потпис на тригодишен договор со важност до 30 јуни 2029 година.
Искусниот офанзивен играч за врска изминатите седум сезони ги мина во редовите на Борусија Дортмунд, а претходно шест години го носеше дресот на Бајер Леверкузен. За германската национална селекција досега има забележано 48 настапи, со што носи сериозно меѓународно искуство во амстердамскиот клуб.
Техничкиот директор на Ајакс, Жорди Кројф, истакна дека преговорите траеле неколку месеци поради големиот интерес и од други клубови, но Брант на крајот го избрал нивниот проект. Според Кројф, доаѓањето на фудбалер со таков менталитет и квалитет ќе донесе значително подобрување во играта на тимот пред следните предизвици во Европа.

