Силекс и Брегалница одиграа атрактивен натпревар со четири гола во Кратово, но на крајот мораа да се задоволат со по еден бод. Ремито 2:2 не е идеален резултат за ниту една од екипите, кои продолжија со сериите без победа. Силекс поведе уште во 7. минута, откако Хаџикимов несреќно ја затресе сопствената мрежа. Домаќините имаа уште неколку шанси за зголемување на предноста, но не успеаја да го удвојат водството.
Брегалница се разбуди по паузата и во 50. минута стигна до израмнување преку Мартин Стојанов, кој реализираше по брз контранапад. Штипјани продолжија да притискаат, а целосниот пресврт го комплетираше Натаниел Маско во 67. минута. Сепак, Силекс не се предаде. Александар Мишов, само неколку минути по влегувањето во игра, во 82. минута ја искористи грешката на гостинската одбрана и погоди за 2:2.
До крајот двете екипи имаа можности за победнички гол, а поблиску до триумфот беше Брегалница. Стојанов повторно се најде во добра позиција, но голманот Љупче Џеков со одлична интервенција го спаси Силекс.

