Каталонскиот гигант повторно ги фрла своите мрежи на пазарот во Јужна Америка, надевајќи се дека ќе го пронајде следниот голем фудбалски дијамант. Претходната инвестиција со Витор Роке не ги донесе очекуваните резултати, скаутите на Барселона не се откажуваат од бразилскиот расадник на таленти. Клупските аналитичари веќе подолго време имаат едно посебно име во своите тетратки, верувајќи дека момчето ги поседува сите предиспозиции да израсне во светска суперѕвезда.
Шпанскиот медиум „Диарио АС“ открива дека Барселона будно го следи Габриел Венено, 16-годишното крило кое доаѓа од младинската школа на Атлетико Минеиро. Иако сè уште нема запишано официјални минути за сениорскиот тим, неговата брзина, техника и дриблинг веќе му ја донесоа етикетата „новиот Нејмар“. Откако каталонците во јануари ја загубија битката за Рајан Витор, кој заврши во премиерлигашот Борнмут, сега сите погледи се насочени кон десното крило на Атлетико.
Сепак, реализацијата на овој трансфер нема да оди нималку лесно, пред сè поради финансиските барања на бразилскиот клуб. Раководството на Атлетико Минеиро јасно стави до знаење дека преговорите нема да започнат под фиксна сума од 20 милиони евра плус дополнителни бонуси. За Барселона, која сè уште се соочува со економски ограничувања, оваа цена во моментов е превисока за фудбалер без искуство во професионалниот фудбал. Дополнителна кочница е и правилото според кое Венено не смее да се пресели во Европа пред летото 2027 година, кога ќе наполни 18 години, што значи дека клубот не би имал брза спортска корист од оваа инвестиција.

