Мото ГП воведе нови правила со кои возачите ќе мора задолжително да учествуваат во промотивните активности наменети за навивачите, а непочитувањето на обврските ќе се санкционира со парични казни. Првиот прекршок ќе ги чини 5.000 евра, додека за повторување се најавуваат повисоки финансиски санкции, па дури и можни спортски казни. Новите прописи предизвикаа незадоволство кај актуелниот шампион Марк Маркез, кој смета дека постојат и други начини за привлекување публика и зголемување на популарноста на шампионатот.
Според правилата, секој возач мора да помине најмалку десет минути на настанот „Мото ГП херој“, каде што навивачите имаат можност да се фотографираат со своите идоли и да добијат автограми.
„Ние нудиме спектакл на патеката“, порача Маркез, потенцирајќи дека токму трките се најголемата вредност на шампионатот.
Од раководството на Мото ГП, пак, сметаат дека директниот контакт меѓу возачите и публиката е важен дел од стратегијата за привлекување нови навивачи и поголема меѓународна популарност на натпреварувањето.

