Други спортови Тенис

Новак Ѓоковиќ го донесе Виктор Троицки во својот тим!

Најтрофејниот тенисер на сите времиња уште еднаш покажа дека е непредвидлив кога е во прашање неговиот стручен штаб. Во пресрет на големиот предизвик на земјена подлога, српскиот ас реши целосно да ја промени тимската динамика со еден неочекуван потег. Новак Ѓоковиќ ги финишира подготовките за претстојниот „Ролан Гарос“, а во неговиот бокс во Париз ќе седи добро познато лице, неговиот поранешен репрезентативен колега, Виктор Троицки.

Како што пренесуваат регионалните медиуми, Троицки веќе се приклучил на експедицијата на освојувачот на 24 Грен слем титули. По завршувањето на соработката со Енди Мареј, Ѓоковиќ сè уште нема перманентно решение за позицијата главен тренер, па во тимот во моментов останува Борис Бошњаковиќ, на кого сега му се приклучува и поранешниот светски рекет број 12.

Засега нема официјална потврда дали овој ангажман на Троицки е со долгорочен план или станува збор за привремена „прва помош“ само за претстојните два големи турнири на земја и трева, „Ролан Гарос“ и „Вимблдон“.

Троицки има солидно тренерско искуство зад себе, работејќи со младите српски тенисери Хамад Меѓедовиќ и Миомир Кецмановиќ, а од 2021 година ја извршува и функцијата селектор на Дејвис куп репрезентацијата на Србија. Новак и Виктор имаат долгогодишно пријателство, а врвот на нивната заедничка кариера го достигнаа во 2010 година, кога на Србија ѝ ја донесоа историската титула во Дејвис купот по епскиот триумф над Франција во Белград.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.