Никола Јокиќ најверојатно нема да стави потпис на нов договор со Денвер Нагетс во текот на ова лето, иако клубот е подготвен да му понуди продолжување на соработката. Според последните информации, српскиот центар сериозно размислува да ја одложи конечната одлука.
Актуелниот договор му овозможува на Јокиќ уште ова лето да преговара за нова соработка, но тој има можност да почека до текот на сезоната или дури до следното лето, кога би можел да обезбеди уште поповолен финансиски договор. Во неговиот актуелен договор постои и опција за играч за сезоната 2027/28, што дополнително му дава флексибилност при изборот на следниот чекор во кариерата. Доколку ја активира таа клаузула, Јокиќ би можел да потпише тригодишно продолжување вредно околу 215 милиони долари. Во случај да ја одбие, ќе се отвори можност за четиригодишен договор чија вредност би достигнала дури 280 милиони долари.
И покрај одложувањето на преговорите, нема индикации дека односите меѓу Јокиќ и Денвер се нарушени. Напротив, и двете страни во повеќе наврати јавно истакнаа дека нивната заедничка желба е српскиот кошаркар целата НБА кариера да ја мине во дресот на Нагетс.

