Меѓународен фудбал Светски првенства Фудбал

Нов удар за Јапонија: Капитенот Ендо го пропушта првенството и заминува во репрезентативна пензија

Репрезентацијата на Јапонија претрпе огромен удар на само три дена пред својот прв натпревар на Светското првенство во групата Ф против Холандија. Капитенот Ватару Ендо поради повреда дефинитивно го откажа својот настап на шампионатот, а воедно соопшти и дека става итен крај на својата кариера во националниот дрес на 33-годишна возраст. Искусниот играч за врска на Ливерпул со месеци се мачеше со повреда на стопалото и имаше операција, но иако се најде на конечниот список од 26 фудбалери, обновените болки по пријателскиот меч со Исланд го принудија да ја донесе оваа тешка одлука.

Ендо се огласи преку социјалните мрежи каде што изрази големо разочарување што нема да ја предводи државата на големиот собир, но нагласи дека верува во квалитетот на своите соиграчи и вети дека од сега ќе биде нивниот најверен навивач на трибините. Селекторот Хаџиме Моријасу веднаш реагираше и како замена во тимот го повика напаѓачот на Борусија Менхенгладбах, Шуто Мачино. Ендо ја напушта меѓународната сцена со 73 настапи и четири постигнати голови од своето деби во 2015 година, а со капитенската улога се здоби веднаш по завршувањето на претходниот Мундијал во Катар.

Со ова Јапонците останаа без двајца клучни лидери за само една недела, бидејќи претходниот меч со Исланд беше и официјално збогување за неговиот претходник Маја Јошида. Ова е голем удар за Јапонија, која допатува ослабена на Мундијалот, затоа што предходно остана и без Такуми Минамино и Каору Митома, двајца многу битни игачи за „самураите“.Медиумите шпекулираат дека нов капитен на тимот ќе биде стоперот на Ајакс, Ко Итакура, а во комбинација за лентата се уште и Такефуса Кубо и Рицу Доан. Јапонија ја отвора мундијалската приказна в недела во Арлингтон против Холандија, а потоа во групната фаза ги очекуваат уште и натпреварите со Тунис и Шведска.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.