Кризата во ФИФА продолжува да се продлабочува, а претседателот Џани Инфантино се соочува со нови сериозни обвинувања. Овојпат критиките пристигнаа од претседателот на Јорданската фудбалска асоцијација, принцот Али бин Хусеин, кој јавно го обвини првиот човек на светскиот фудбал за уцена и злоупотреба на позицијата.
Според Бин Хусеин, претставници на ФИФА за време на Светското првенство во 2026 година испратиле порака дека доколку Јордан му даде поддршка на Инфантино, тоа ќе помогне во решавањето на проблемите со кои се соочува нивната федерација. Тој порача дека таквиот пристап претставува недозволив притисок и нагласи дека Јордан нема да прифати да биде условуван.
„Во Јордан се гордееме со етичките вредности. Не го поддржавме претходно, ниту ќе го направиме тоа сега. Ова е уцена и нема да попуштиме пред таков притисок“, напиша принцот Али бин Хусеин на социјалната мрежа „X“.
Тој посочи и низа проблеми со кои се соочила јорданската федерација, меѓу кои високите трошоци за навивачите кои не добиле визи за Светското првенство, неисплатените премии за настапот во финалето на Арапскиот куп во 2025 година, како и даночните обврски што, според него, ги сносела само Јордан поради настапот на Мундијалот во САД.
Обвинувањата доаѓаат во период кога Инфантино е под силен притисок по неуспешниот обид да продаде дел од комерцијалните права на ФИФА. Во изминатите денови од неговите потези јавно се дистанцираа и високи функционери на организацијата, меѓу кои генералниот секретар Матијас Графстром и директорот за глобален развој на фудбалот, Арсен Венгер, што дополнително ја продлабочува кризата во светската куќа на фудбалот.

