Кошарка Македонска кошарка Меѓународна кошарка

Нов спор во АБА лигата, судиите реагираа на повикот за нови арбитри!

Нова ситуација пред почетокот на сезоната ја потресе АБА лигата, откако постоечките судии реагираа на јавниот повик за ангажирање нови арбитри. Причината за несогласувањето се условите за работа и висината на судиските надоместоци, за кои арбитрите веќе подолго време бараат промени. Судиите сметаат дека наместо разговор и преговори, одговорот на раководството на лигата бил повик за нови кандидати. Во своето соопштение тие нагласуваат дека нивните предлози не биле поставени како ултиматум, туку како основа за разговор и изнаоѓање компромис.

„Не сакаме да влегуваме во медиумски препукувања ниту дополнително да ги зголемуваме тензиите. Нашата цел не е конфликт или загрозување на натпреварувањето, туку подобрување на условите за работа и односот кон судиите. За компромис се потребни две страни и затоа бараме сериозни и конкретни преговори со претставниците на постоечките судии“, стои меѓу другото во реакцијата.

Според судиите, дополнително изненадување претставува фактот што во јавниот повик за нови арбитри АБА лигата нуди подобрени услови, додека со постоечкиот судиски кадар, како што тврдат, не биле започнати вистински преговори.

Во соопштението се наведува и дека актуелниот надомест во АБА 1 лигата изнесува 562,50 евра бруто по натпревар, додека во АБА 2 е 281,25 евра бруто. Судиската група прави споредба и со надоместоците во неколку национални првенства во Европа, каде што, според нивните податоци, износите се повисоки. Судиите посочуваат дека со проширувањето на АБА лигата и вклучувањето на клубови од Дубаи, Клуж, Виена и Братислава се зголемиле и обврските, патувањата и времето поминато надвор од дома.

На крајот тие испратија јасна порака дека не сакаат конфликт со раководството на натпреварувањето, туку договор.

„Не сакаме да бидеме проблем за АБА лигата. Сакаме да бидеме нејзин партнер и заедно да работиме Лигата да биде подобра за клубовите, играчите, тренерите, судиите и сите кои се нејзин дел“, се наведува во соопштението.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.