Меѓународен фудбал Фудбал

Нов скандал го тресе фудбалот, истрага за местење натпревари во…

Нов скандал го потресува фудбалот во Непал, откако тамошното Централно биро за истраги (ЦИБ) започна постапка против функционери на Фудбалската асоцијација на Непал (АНФА) поради сомнежи за местење натпревари, финансиски злоупотреби и измама.

Како што пренесува „The Kathmandu Post“, во рамки на прелиминарната истрага биле приведени благајникот на АНФА, Рабиндра Џоши, и сметководителот Санджив Пандеј. Истражителите во петокот извршиле претрес во просториите на асоцијацијата во Лалитпур, при што биле одземени лаптопи, четири компјутери и друга електронска опрема. Судот во Лалитпур одредил четиридневен притвор за двајцата приведени функционери, додека истрагата продолжува.

Еден од сегментите на истрагата се однесува на организацијата на двата натпревари меѓу репрезентациите на Непал и Бахреин во рамки на квалификациите за Светското првенство во 2026 година и Азискиот куп во 2027 година. Иако според првичниот план едниот натпревар требало да се игра во Непал, а другиот во Бахреин, на крајот и двата дуели биле одиграни на територијата на Бахреин. Непал претрпел убедливи порази на двата натпревари, со 0:5 и 0:3.

Од АНФА претходно објасниле дека до промената дошло откако Азиската фудбалска конфедерација (АФЦ) го прогласила теренот на стадионот „Дашаратх“ во Катманду за несоодветен за меѓународни натпревари. Сепак, истражителите сега проверуваат дали зад организацијата и преместувањето на натпреварите имало и финансиски неправилности.

Покрај овој случај, полицијата ги проверува и постапките поврзани со набавката на дресови и спортска опрема од компаниите Келме и КТМ Сити. Предмет на проверка е и начинот на продажба на билетите за квалификациските натпревари за Мундијалот во 2026 година.

Според досегашните сомнежи, во дел од овие постапки можеби не биле почитувани правилата и процедурите кои ги пропишува ФИФА. Истрагата е во тек, а надлежните органи треба да утврдат дали постојат доволно докази за наводните финансиски злоупотреби и евентуалното местење на натпревари.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.