Француската Про лига од новата сезона воведува интересно правило кое треба да донесе дополнителна неизвесност и по истекот на 60 минути. Доколку натпреварот заврши нерешено, двете екипи ќе добијат по еден бод, а потоа ќе следува серија седмерци за дополнителен бонус-бод. Победникот во серијата ќе стигне до вкупно два бода, додека поразениот ќе остане со еден. Исходот од седмерците нема да влијае врз официјалниот резултат, гол-разликата или статистиката од натпреварот. Правилото ќе се применува само во регуларниот дел од сезоната, но не и во плеј-офот за пласман во повисок ранг.
Новината доаѓа во пресрет на сезоната 2026/27, која стартува оваа недела, а идејата на Лигата е неизвесноста да се задржи до последниот момент. Во минатата сезона во Про лига биле регистрирани 11 нерешени натпревари, па секое од нив сега ќе добива дополнителен елемент на драма. Во конкуренцијата настапуваат 16 екипи, а првопласираниот тим директно обезбедува место во Старлигата, што дополнително ја зголемува важноста на секој освоен бод.

