Македонските фудбалери продолжуваат да ја градат својата кариера надвор од границите на земјата. Нов интернационален предизвик сега го очекува Бесир Исени, кој официјално се пресели во шкотскиот фудбал и ќе го носи дресот на Ливингстон. Шкотскиот клуб го потврди неговиот ангажман преку официјалните канали, истакнувајќи дека очекува Исени да биде значајно засилување во новата сезона.
Македонскиот фудбалер доаѓа од косовскиот Дукаѓини, каде што настапуваше во изминатите две години, а со Ливингстон потпиша договор со важност до летото 2028 година. Во досегашната кариера Исени беше дел и од Струга Трим Лум, како и од албанска Тирана. Новиот клуб минатата сезона испадна од шкотската Премиер лига, но амбициите се јасни, експресно враќање во елитното друштво, во што треба да помогне и македонскиот интернационалец.

