Стеф Кари не успеа да го убеди Леброн Џејмс да му се приклучи во Сан Франциско, но тоа нема да ги промени неговите планови, бидејќи легендарниот плејмејкер нема намера да ја промени средината. Иако влегува во последната година од актуелниот договор, раководството на Голден Стејт е подготвено да му понуди нов договор со услови кои тој самиот ќе ги постави.
Во предстојната сезона Кари ќе биде најплатениот кошаркар во НБА-лигата со заработка над 62 милиони долари. И покрај тоа што при крајот на сезоната ќе наполни 39 години и фактот што „воините“ повеќе не се во тесниот круг фаворити за врвот на Западот, клупската управа му оддава максимално почитување на човекот кој ја промени историјата на франшизата. Според инсајдерот Брет Сигел од „Клачпоинтс“, не постои сценарио во кое Кари би заминал, бидејќи целиот проект е изграден околу него и тимот засекогаш ќе му припаѓа нему.
Во изминатите 17 години, Кари целосно го трансформираше Голден Стејт и беше предводник на династијата која освои четири шампионски прстени под водство на Стив Кер. Неговото влијание не беше клучно само на теренот, туку и на бизнис план, бидејќи вредноста на франшизата порасна од почетните 300 милиони долари на речиси девет милијарди долари, со што Голден Стејт стана највредниот спортски колектив во целата НБА-лига.

